Skip to content

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ ЗА КАТАРАКТА

Катаракта претставува заматување на природната леќа во окото. Луѓето кои имаат катаракта го опишуваат видот како гледање низ ,,перде” или пак низ замрзнат или замаглен прозорец.

Дефиниција за катаракта

Катаракта претставува заматување на природната леќа во окото. Луѓето кои имаат катаракта го опишуваат видот како гледање низ ,,перде” или пак низ замрзнат или замаглен прозорец. Ваквиот замаглен вид ќе доведе до отежнато извршување на вашите секојдневни активности, како читање, возење автомобил (особено навечер), како и потешкотии во препознавањето на лицата на пријателите.

Најчесто катарактата се развива бавно и можеби во прво време нема да ви го наруши видот. Но, со тек на време, како ќе созрева катарактата, така вашиот вид сѐ повеќе ќе се намалува.

Причини за појава на катаракта

Причините за појава на катаракта сѐ уште не се во потполност разјаснети. Се смета дека постојат фактори кои можат да влијаат за појава на оваа болест:

  • пол (почесто се развива кај жени);

  • долготрајно користење лекови од групата кортикостероиди;

  • долготрајно и често конзумирање на алкохол и цигари;

  • голема изложеност на сончево и радијациско зрачење;

  • гојазност;

  • дијабетес;

  • претходни повреди на окото и воспаление на внатрешните структури на окото.

Видови на катаракта

Постојат многу видови на катаракта, од кои како најчести ќе ги издвоиме:

  • ВРОДЕНА КАТАРАКТА – Се јавува кај деца главно како последица на некоја инфекција која ја имала мајката за време на бременоста.

  • ТРАУМАТСКА КАТАРАКТА – Се јавува како последица на отворени или затворени повреди на окото. Може да настане во склоп на некои воспалителни очни болести долготрајно користење на некои лекови (најчесто кортикостероиди) или како последица на некои операции на око (пр. глауком или аблација на ретина) кои ретко се јавуваат како причина.

  • СТАРЕЧКА КАТАРАКТА – Ова е најчест облик на катаракта која настанува главно кај лица постари од 55 години. Се карактеризира со заматување и стврднување на леќата која предизвикува намалување на видот но често и кратковидост кај лица кои обично имаат нормален вид а кај кратковиди лица ја смалува далекувидоста.

Симптоми на катаракта

Некои од основните симптоми кои укажуваат на постоење на катаракта се:

  • заматен вид;

  • промена во перцепцијата на боите (се гледа сина боја);

  • гледање двојна слика;

  • лош ноќен вид

  • особено при ноќно возење;

  • осетливост на светло;

  • бела или сива зеница.

Катарактата најчесто напредува споро, но во некои поретки случаи може да се развие и брзо. Во одредени случаи напредувањето на катарактата може да се манифестира само со опаѓање на острината на видот на далеку, а настанува како резултат на задебелување на леќата. Во овој стадиум, проблемот може привремено да се реши со зголемување на диоптријата на очилата или пак со примена на посилно осветлување или лупа. Меѓутоа, со развивање на болеста леќата почнува да добива жолта или бела боја, а видот станува сѐ послаб, па станува очигледно дека очила со зголемена диоптрија, како и посилното осветлување или лупа нема да го решат проблемот.

Третман на катаракта

Кога еднаш ќе се појави катарактата, веќе не може да се излекува со капки за очи, очила со зголемен диоптер, ниту со посебна исхрана. Катарактата единствено може да се отстрани со оперативен зафат. Со помош на ултразвучен апарат се отстранува заматената леќа и на нејзино место се имплантира специјално дизајнирана, флексибилна вештачка леќа, таканаречена интраокуларна леќа која останува трајно во окото.

Временски катарактата се развива индивидуално, од неколку месеци до неколку години. Порано се верувало дека за операција на катаракта треба да се чека до нејзината крајна фаза кога пациентот веќе не е способен самостојно да функционира. За среќа, овој застарен став е надминат. Всушност, како напредува болеста, леќата во окото станува сѐ потврда, а со самото тоа и потешко се отстранува. Исто така, кај позрела катаракта, неопходно е да се користи поголем интензитет на ултразвук, што може да им штети на околните ткива, особено на рожницата. Ваквата операција трае подолго, а со самото тоа подолготраен е и процесот на опоравување на рожницата.

  • Имаме најдобри цени во споредба со конкуренцијата
  • Современа и најнова технологија и апаратура
  • 3D оперативен систем
  • Пакетот со пред-оперативни испитувања не влегува во цената за операцијата и истиот изнесува 4,200 денари, испитувањата се следни:
    • Рефракција
    • Одредување видна острина 
    • Мерење очен притисок 
    • Преглед на очно дно 
    • Ехо биометрија 
    • IOL master 
    • ОЦТ испитување
 
  • Анестезиолошки преглед кој не влегува во цената за операција и истиот изнесува 1,500 денари.

Објаснување

Со Монофокалните интраокуларни леќи (сферична –бела кружна , асферична бела – рамна и асферична жолта – рамна) пациентот постигнува добар вид на далечина, а за близина задолжително ќе треба да носи очила.

Со Мултифокалните EDOF леќи со продолжен фокус пациентот добива добар вид на далечина и добар вид на близина на 50 cm.

Со Мултифокалните- Трифокалните интраокуларни леќи пациентот добива добар вид на далечина, како и добар вид на блиску на 40см и 70см.

Човечката природна леќа има функција на природно филтрирање. При оперативниот зафат се вади човечката природна леќа и се става вештачка леќа. Интраокуларната леќа која има син филтер ја заменува оваа функција (тоа е жолтата леќа). Жолтите интраокуларни леќи го штитат задниот дел на окото од штетната сина светлина.

Што треба да знаете пред операцијата?

Секој пациент кој ќе се одлучи за операција на катаракта предoперативно потребно е да направи неколку прегледи.

1. ЛАБОРАТОРИСКИ АНАЛИЗИ и ЕКГ

Основна крвна слика со гликемија која не треба да биде постара од 30 дена, како и ЕКГ не постаро од 7 дена.
Напомена: Доколку пациентот прима терапија за простата (FLOMAX) koj e алфа блокатор и генеричко име му е Tamsulosin (Tanyz) или друг препарат на природна основа, мора за истото да го информира лекарот кој ќе ја врши операцијата, бидејќи кај овие пациенти поради употреба на горенаведените лекови е оневозможено ширење на зеницата. (Се мисли на сите пациенти кои воопшто некогаш го примале овој лек повеќе од еден месец.) Поради тоа интраоперативно потребно да се аплицира механички пупиларен дилататор (оперативен ринг) со цел механичко проширување на зеницата во тек на оперативниот зафат. Оперативниот ринг кој се вградува изнесува 12.000 денари.

2. ПРИПРЕМА

Два дена пред закажаната операцијата се капат капки Tobradex 4×1 или на секој 4 саати и тоа во 8h; 12h; 16h; 20h во окото кое е за операција. Исто така оние пациенти кои примаат антиглаукоматозна терапија (терапија за очен притисок) е потребно истата да продолжат и да не ја прекинуваат ниту пред, ниту по операцијата на катаракта.

3. ДЕНОТ НА ОПЕРАЦИЈА

За операција на катаракта предвидено е пациентот да престојува од 2-4 часа во болницата. (време потребно за припрема на пациентот , кое не опфаќа лежење во болнички кревет и болничка соба)

Пациентот пожелно е лесно да доручкува на денот од операцијата.

Доколку пациентот има препишано редовна хронична терапија потребно е да ја испие како секој нормален ден. Доколку пиете таб. Аспирин прекинувате 5 дена пред оперативниот зафат. Доколку примате антикоагулантна терапија или терапија по шема ке треба да се консултирате со хематолог да ви препише Клексан терапија. Операцијата на катаракта е кратка и трае 10-15 минути и се изведува со локална анестезија (капкии е безболна.

4. КАКО ДА СЕ ОДНЕСУВАТЕ ПО ОПЕРАЦИЈA НА КАТАРАКТА СО ФАКО МЕТОДА

Пациентот ја вади преврската од окото во 18 часот и окото повеќе не се затвора.
По вадење на преврската истиот ден се започнува со постоперативната терапија. Во оперираното око се ставаат капките Tobradex 4×1 во 18h; 19h; 20h и 21h. Од следниот ден се продолжува повторно со капките Tobradex 4х1 во 8h; 12h; 16h и 20h. Првиот ден нормално е пациентот да гледа матно, да има црвенило во окото и да чуствува благо пецкање и мали болки во окото.

Доколку пациентот прима антиглаукоматозна терапија (терапија за очен притисок) задолжително е да ја продолжи истата онака како ја ставал и предоперативно. Исто така потребно е да се продолжи и со редовната хронична терапија (дијабет, крвен притисок и сл.)

Нова диоптрија на оперираното око се одредува еден месец по операцијата, до тогаш не се носат очила со диоптрија. Доколку имате потреба да носите очила стаклото на окото кое е оперирано треба да се промени со стакло без диоптрија кое може да го промените и во нашата оптика. Цената е во зависност од антирефлексот на другото стакло, (350 ден; 750ден; или 1500 ден.) Може доколку сака да носи сончеви очила.

Во окото не треба да влегува вода во наредните 10 дена, односно пациентот може нормално да го мие лицето но тоа да го прави со затворени очи.

Дозволено е работење на пареа, гледање на телевизија и умерено подигање на тежина.

ВАЖНО

Во цената на операцијата вклучен е првиот контролен преглед, кој е на првиот ден после операцијата. Прегледот кој е после 30 дена, односно постоперативната месечна контрола при што се одредува диоптрија се наплаќа 1,400 ден и истиот го извршуваат нашиот тим лекари од Промедика Офталмологија, а диоптријата ја одредува еден од нашите специјалисти.

Прв контролен преглед може да се обави и во центрите близу вас во Систина Oфталмологија во Битола, Куманово,Тетово, Штип и ке изнесува 800 ден!

Консултација со нашите врвни специјалисти?

0800 301 30