Skip to content

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ ЗА ВИТРЕОРЕТИЛАНА ХИРУРГИЈА

Витректомија е најсложената микрохирушка операција со која се третираат болести на заден сегмент на окото како: крварење во око, одлепување на ретина (аблација на ретина), макуларна дегенерација, дијабетична ретинопатија, руптура (дупка) на макула и сл.

Дефиниција

Витректомија е хирушка процедура која ја врши искусен витреоретинален хирург.  Со оваа операција се врши вадење на витрусниот гел (стаклестото тело) кој го исполнува внатрешниот дел на окото.

Оваа операција се применува при оредени очни состојби кај кои со вадење на стаклестото тело ќе се овозможи подобар вид кај пациентот како и зачувување на очниот орган.

Се прави во операциона сала, во која се присутни витреоретиналниот хирург, тим од медицински сестри и анестезиолог кој ги следи виталните функции на пациентот.

Најчесто се изведува со потенцирана анестезија, по потреба може и генерална анестезија.

Во нашата клиника витректомијата се прави со 25 и 27g со што се овозможува безболно и минимално инвазивно лекување. Закрепнувањето е брзо и нема одолговлекувања ниту чекање за операција.

Кандидати

Операцијата витректомија се применува кај пациенти кај кои се препорачува хирушки третман на следните дијагнози:

  • Дијабетична ретинопатија;
  • Влажна макуларна дегенерација;
  • Макуларна руптура (дупка);
  • Макуларен едем;
  • Пролиферативна витреоретинопатија;
  • Витреомакуларна тракција;
  • Епиретинална мембрана;
  • Повреда на око поради која е настанато крварење во окото;
  • Пациенти кај кои е настанато одлепување на ретината (аблација на ретина).

Преглед

Се прави супспецијалистички преглед кој се состои од рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно – преглед на преден и заден сегмент на очите.

По потреба се прави и ОЦТ – оптичка кохерентна томографија како и дополнителни дијагностички испитувања на барање на хирургот.

По прегледот ги добивате извештајот и резултатите од направените дијагностички испитувања.

Предоперативна подготовка

Подготовката ја започнува медицинската сестра при што повторно се зема визус, тонус и се прави рефракциско мерење.

Потоа пациентот се префрла во предоперативниот блок и му се зема анамнеза. Се проверува крвен притисок и шеќер. Потоа во консултација со офталмохирургот доколку има потреба се прават дополнителни дијагностики и подготовката завршува со ширење на зеници.

Пациентите со хронични болести,  во зависност од терапијата која што ја примаат, имаат посебни подготовки за кои се информирани на денот на закажување на операцијата.

Откако пациентот ќе биде целосно подготвен се внесува во операциона сала.

Тек на операција/интервенција

Анестезиологот е задолжен за мониторирање на виталните функции, ЕКГ, крвниот притисок, дишењето и оксигенација како и контролирање на анестезијата.

На самото око се поставува држач кој ги држи очните капаци. Овој држач може да е малку некомфорен, но го држи окото отворено. За време на операцијата пациентот е свесен и разговара со хирургот.

Хирургот прави засеци низ 4  мали отвори на белката (помали од 1 мм) за да го отстрани стаклестото тело во окото, по што истото се заменува со специјален гас (кој со текот на времето се ресорбира) или силиконско масло. Доколку пациентот има руптури (дупки) на ретината, тие се санираат со ласерфотокогулација.

На крајот на операцијата се прави тампонада со гас или силиконско масло кое зависи од состојбата на ретината.

Откако ќе заврши операцијата, пациентот се внесува во апартман.  Околу половина час по операцијата пациентот си оди дома (еднодневна хирургија) со преврска на оперираното око.

По операцијата, пациентот добива и писмени насоки за ограничувањата и постоперативната нега.

Постоперативна нега

Следниот ден по операцијата е првата контрола на која се вади преврската. Потоа во договор со хирургот се закажуваат следните контроли.

Периодот на закрепнување и нормализирање на видот е од 1 до 4 недели.

Нормални знаци по операцијата кои може временски да траат од неколку дена до недели:

  • Помодрено око;
  • Црвено налик крваво око;
  • Потечени очни капаци и лице;
  • Често солзење; мукозен исцедок.

Нормални симптоми на видот по операцијата кои може да траат од неколку дена до недели:

  • Заматен вид кој е влошен. Нормално е полека со тек на време видот да се подобрува;
  • Опацитети (мушички);
  • Иритација на окото (чувство како да има нешто во окото);
  • Чувствителност на светло;
  • Двојна слика;
  • Болка на окото или околу окото, која е поизразена при движења на окото.

Витректомијата е успешна хирушка процедура ако се изврши на време без дополнително чекање.

Мерки на претпазливост

Ограничувањата по интервенцијата се привремени и не траат долго и секогаш се согласно препорака на хирургот.

На пациентот му се препишува терапија и е должен да ја користи согласно временскиот период назначен од хирургот.

Преврската се вади следниот ден на контрола. Пациентот после 3-4 дена може да се мие лице, да се бања и да ги обавува секојдневните активности. Потребно е да избегнува физички напор.

Во случај да почувствува многу силна болка во пределот на очите, премногу силна главоболка, мачнина, повраќање веднаш контактирајте го вашиот офталмохирург или нашата клиника.

Консултација со нашите врвни специјалисти?

0800 301 30